Tuesday, May 8, 2018

Опис на ликот на Антигона

Како една од најпознатите драми на светско ниво е токму драмата ,,Антигона'' која е напишана од страна на Софокле. Драмата е напишана во античкиот период и е дел од величенствената триологија на Софокле, во која припаѓаат: ,,Царот Едип'' и ,, Едип во Колон". Целата драма се темели на честа, почитта и пожртвуваноста за семејството, а Софокле тоа ни го доловува низ разни ситуации и ликови.
   Носител и најголемата жртва во ова дело е Антигона. Таа е ќерка на Царот Едип и Јокаста, кои всушност се мајка и син. Растена во тага, поради се што се случувало во семејството, почнувајки од самоубиството на мајка и и татко и кој заминува во Колон, па се до расправијата и убиството на нејзините браќа, сепак Антигона е една силна и достоинствена жена која не дозволува брат и да заврши непогребан. И така своеглаво, одлучно и цврсто решава да го погреба брата си без разлика на последиците, без разлика на се, бидејќи таа е непокорлива.
   Ставот и одлучноста на Антигона може да се забележат и во нејзините зборови дека  мртвиот сопруг се заменува лесно, дека и ново дете може да се роди, но нов брат не може да се има поради мртвите родители. Тука се забележува целата нејзина пожртвуваност која ја прави за семејството, таа буквално се откажува од сопствената среќа, љубовта и животот.
   Од гледната точка на останатите ликови, постапките и однесувањето на Антигона е неприфатливо. Меѓу нив е и сестра и Исмена, кога во нивниот конфликт, со кој всушност започнува драмата, и вели на Антигона дека нејзината идеја е лудост и не треба животот да си го ризикува за тоа. Потоа доаѓа и Креон, кој е многу лут на Антигона поради нејзината постапка, па затоа и решава да ја убие.
   Драмата сепак завршува трагично. Хемон и Антигона заедно умираат, Креон бега а Исмена останува сосема сама. Сепак ликот на Антигона се смета за еден од најмоќните женски ликови во рамките на светската литература, поради нејзината одлучност, став и достоинство.